Skip to main content

Министерот за надворешни работи на Косово побара Србија да ја признае косовската независност

Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца ја повика Србија да ја прифати реалноста и да го признае Косово како независна држава, пренесуваат денеска косовските меидуми..

Тој ова го изјави синоќа во обраќањето на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на Косово. Коњуфца нагласи дека Косово останува подготвено за нормализирање на меѓудржавните и соседските односи, но оцени дека главна пречка за мирот и нормализацијата и натаму е Србија.

Тој додаде дека Белград не само што не е заинтересиран за нормализација на односите со Косово и за приближување кон Европската Унија туку продолжува да ја држи регионалната стабилност како „заложник“ преку, како што рече, хегемонистички пристап.

– Тие се обидуваат да ја отфрлат можноста за стабилност, просперитет и целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, кои му се неопходни – изјави Коњуфца.

Тој изрази загриженост и поради, како што рече, „континуираната вмешаност на Србија во демократските процеси на Косово“, наведувајќи ги обидите за влијание врз изборите и поддршката за најголемата партија на косовските Срби, „Српска листа“.

Коњуфца посочи дека Косово успеало да ја спречи странската вмешаност и да го зачува интегритетот на своите демократски институции. Тој нагласи дека народот на Косово е мирољубив и никогаш не се мешал во внатрешните работи на други држави

Поврзани вести