
Противниците на актуелната унгарска влада се подготвени на сериозни политички потези со цел да ја преземат власта, изјави премиерот Виктор Орбан.
„Нашите противници нема да застанат пред ништо за да дојдат на власт. Флертуваат со странски разузнавачки служби, им се закануваат на нашите поддржувачи со одмазда и изнесуваат неосновани обвинувања. Уште пред да се одржат изборите, шират наративи за нивна нерегуларност, а организираат и протести пред да заврши процесот на пребројување на гласовите“, изјави премиерот во телевизиско обраќање до нацијата.
Тој оцени дека ваквите активности претставуваат обид за создавање политичка нестабилност и нарушување на довербата во изборниот процес, со цел да се доведе во прашање волјата на граѓаните пред меѓународната јавност.
Во обраќањето, Орбан ги потенцираше и економските резултати на владата во изминатиот период, нагласувајќи го отворањето на околу еден милион нови работни места, како и континуираниот раст на платите.
„Постои реална опасност достигнувањата што ги изградивме заедно да бидат доведени во ризик. Светот се соочува со воени конфликти, а енергетските и финансиските предизвици се сè поизразени во Европа. Унгарија не може да остане изолирана од тие процеси“, истакна тој.
Премиерот повика на единство и стабилност, нагласувајќи дека ова е период во кој се потребни разум, одговорност и заедничко делување, наместо поделби и конфронтации.

Македонски


