Skip to main content

Николоски: Македонија води достоинствена политика за влез во ЕУ и не се понижуваме, во реализација на Планот за раст сме во врвот

Добро е што ние водиме достоинствена политика, не правиме понижување ниту на себе, ниту на сопствената нација и држава и не коленичиме, туку достоинствено ја водиме политиката и ставот за ЕУ ни е јасен, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата Само Интервју, одговарајќи на прашањата за влезот на Македонија во ЕУ.

Тоа што е до нас, го правиме. Еве во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот и тоа може да се види во новиот извешта што ќе излезе во јуни. Во делот на реформи спроведуваме тоа што се бара, во другиот дел немаме што да правиме и мислам дека е јасно. Софија не е проблемот, туку Софија е добар изговор за да не се реши проблемот. Чекаме неколку големи главни градови да решат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Ако сакаат проблемот со Бугарија ќе се реши за едно пополадне – рече Николоски.

Прашан дали се уште стои на ставот дека Албанија нема да влезе во ЕУ што го кажал порано, рече дека секогаш стои зад тоа што го кажува и додаде дека тоа не е заради тоа што Албанија не прави доволно за членство, туку заради фактот што ЕУ се уште не решила дали сака да има проширување.

Жал ми е што сум во право, велам за жал затоа што предупредувањата што ги давав немаа цел да нешто лошо се случи, туку да предупредам на време што ќе се случи. Работата на политичарите е да носат одлуки врз основа на информациите кои што ги имаат, но исто така и да ја информираат јавноста за она што е реалноста и вистината и да на тој начин се прилагодува и јавноста – истакна Николоски.

Поврзани вести