
Американскиот претседател Доналд Трамп не го одобрил предлогот за 45-дневно примирје во војната со Иран, изјавил висок функционер од Белата куќа, пренесува NBC News. Според истиот извор, станува збор за една од повеќе разгледувани опции, но претседателот засега не дал согласност.
Во меѓувреме, во последните часови се појавија повеќе информации за можен прекин на огнот. Reuters објави дека на САД и Иран им бил претставен план во две фази, кој предвидува итен прекин на огнот, а потоа преговори за конечен договор. Во предлогот, според извештаите, важна улога има Пакистан, а се предвидува и период од 15 до 20 дена за финализирање на пошироко решение.
Паралелно, други медиуми известуваат и за посебна иницијатива за 45-дневно примирје, која, според тие информации, произлегла од интензивни дипломатски контакти меѓу Вашингтон и Техеран.
Дипломатските напори се одвиваат во момент кога Трамп го зголемува притисокот врз иранските власти. Тој поставил рок за повторно отворање на Ормуски теснец, предупредувајќи дека во спротивно би можеле да следат напади врз електрани и мостови.
Се очекува Трамп да ѝ се обрати на јавноста од Белата куќа во 19 часот по средноевропско време.

Македонски


