
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ситуацијата околу гасоводот Турски тек е исклучително сериозна, но дека снабдувањето со гас за Унгарија засега не е загрозено. Тој утрово изврши увид на унгарскиот дел од трасата кај Кишкундорошма, во регионот на Сегедин, каде е засилено обезбедувањето по информациите дека на српскиот дел од гасоводот биле пронајдени експлозиви.
Орбан оцени дека станува збор за клучна енергетска инфраструктура и предупреди дека евентуално прекинување на протокот би имало сериозни последици. Според него, претходно земјата се соочила со проблеми околу снабдувањето со нафта, кои биле надоместени од други извори, но дека гасоводот претставува уште поважна енергетска артерија.
Тој посочи дека Унгарија во моментов се соочува со ограничувања во снабдувањето со гас од северниот правец, но дека дел од потребите може да се покријат преку јужната рута. Сепак, предупреди дека секое нарушување на оваа врска би можело сериозно да влијае врз економијата, поради што е неопходна зголемена внимателност и засилена заштита на инфраструктурата.
Унгарскиот премиер рано утринава се упати кон границата со Србија за да провери дали унгарскиот дел од гасоводот функционира безбедно. Посетата следува откако вчера беше пријавен обид за поставување експлозив на српскиот дел од трасата, по што безбедносните мерки во областа биле дополнително засилени.
За посетата Орбан информираше и преку објава на социјалните мрежи, наведувајќи дека рано изутрина се упатил кон унгарско-српската граница за проверка на состојбата и дека ќе го следи развојот на настаните и ќе известува за евентуални промени, пренесува Маѓар немзет.

Македонски


