Skip to main content

ПАНУКЛА СЕСИИ #01: Сер Ричард Бишоп и Делиниколов/Лукаш дуо

Од хаотичната лабораторија на АКСИОМА произлезе нов иконокластичен музички потфат – периодични концертни настани за љубители на разиграни музички стилови: Панукла сесии.

За првото издание имаме ексклузивен гостин од САД и македонско-дијаспорско дуо:

Сер Ричард Бишоп – акустична гитара (САД)
Дуо Делиниколов/Лукаш – клавишариум, жичариум и електроника

Настанот ќе се одржи во клубот Котур, на 7 април 2026 година (вторник), од 21 часот. Цената на влезницата е 300 денари.

Ричард Бишоп е роден во Сагино, Мичиген, 1960 година. Заедно со својот брат Алан Бишоп и тапанарот Чарлс Гочер, тие го основаат бендот Sun City Girls во 1981 година во Феникс, Аризона, а исто така, настапувале и во групата Paris 1942, во која членувала и тапанарката на Velvet Underground, Мо Такер.

Sun City Girls црпеле инспирација од разновидни андерграунд музички стилови во САД, од импровизацијата, перформанс-артот и од музики од различни делови на светот – музика која сè уште не била жигосана од индустријата како „world music“, но која тие ја искусиле непосредно за време на нивните патувања низ Блискиот Исток и Азија. Друга клучна инспирација за браќата Бишоп биле детските спомени од нивниот дедо, либански имигрант кој свирел уд на семејните собири. Во 2003 година, браќата Бишоп ја основаат издавачката куќа Sublime Frequencies, посветена на издавање автентична не-западна музика, која не се вклопува во естетиката на мејнстрим пазарот на „world music“.

Сè до смртта на Гочер во 2007 година, Sun City Girls издале повеќе од 50 албуми и станале симбол на независната и трансгресивна музика ширум светот. По распаѓањето на Sun City Girls, Бишоп бил член во неколку музички проекти, меѓу кои и Rangda, заедно со гитаристот Бен Чесни и тапанарот Крис Корсано.

Бишоп почнал да снима и настапува под псевдонимот Сер Ричард Бишоп во 1998 година, кога го објавил својот прв албум Salvador Kali за издавачката куќа Revenant на Џон Фејхи, и почнал да оди на турнеи со музичари како Animal Collective, Bonnie Prince Billy и Devendra Banhart. Неговото соло-гитарско творештво претставува дестилација на впечатоци собрани по една мистична траекторија што се протега од САД до Јужна Азија, преку Андалузија, Северна Африка и Блискиот Исток, а вкоренета во американската авангардна фолк-гитарска школа, при што демонстрира мајсторство, елеганција и раскош, но и повремени изблици на дивост, коишто потсетуваат на психоделичните панк напади на Sun City Girls. Во Скопје ќе се претстави со репертоар од неговиот последен албум – Hillbilly Ragas.
https://sirrichardbishop.bandcamp.com/album/hillbilly-ragas

Делиниколов/Лукаш дуото произлегува од нивното долгогодишно пријателство, кое, со текот на времето, доби нова квалитативна димензија по трајната преселба на Делиниколов во Германија. Музиката која тие ќе ја изведуваат ќе се движи помеѓу делумно фиксирани композиции, преку слободни импровизации, до интуитивно музицирање, без одредена жанровска припадност. Концертот е замислен како интимен разговор помеѓу Делиниколов и Лукаш, шетајќи низ густи звучни пејзажи, додека зад дрвјата на соничната шума ги демнат ноктурални суштества со широко отворени уши. По издавањето на албумот Went Out for Cigarettes, ова ќе биде втора соработка на Аксиома со Делиниколов. Лукаш, пак, е составен дел од тимот на Аксиома уште од самите почетоци.
https://aksioma.bandcamp.com/album/went-out-for-cigarettes

Костадин Делиниколов е роден 1979 година во Скопје. Во своето детство и рана младост се запознава со репертоарот за класично пијано, по што започнува сериозно да го изучува инструментот, што подоцна води кон артикулација на неговите сопствени музички идеи. Подоцна завршува студии по историска музикологија, медиумска теорија и германска книжевна теорија на Универзитетот во Падерборн и Институтот за музикологија во Детмолд, Германија, каде што и денес живее и работи. Во тој период темелно се занимава со различни епохи од западната музичка историја, изведувајќи на чембало, клавикорд и други клавишни инструменти, притоа продолжувајќи да го развива својот личен музички израз. Тој претежно компонира музика за соло пијано, камерни ансамбли и електронска музика. Неговите дела се изведувани во повеќе европски земји и во САД.

Владимир Лукаш е лист што живее на една палма во Микронезија и одвреме-навреме – кога армадилата сонуваат музички црви – заесенува и слетува на концерт низ скопските подруми. Живее и работи во Скопје, како и секој нормален облак. Создава музика која не може да се опише, ама може да се насети преку неговиот илустраторско-сликарско-аниматорски ангажман.

Панукла е архаичен збор, кој најчесто се користи во југозападните делови на Македонија, особено во Преспа. Зборот има корени од грчкиот јазик и буквално значи чума, иако се користи и за означување на проклетство, несреќа, штета, голема беља, па дури и паранормално демонско присуство. Старите преспанки, кога чуваа палави внуци од метрополата, љубеа да се жалат: „Шо ќе беше љуѓе та панукла?!“ или „Ма вате панукла!“

Во овој контекст ние зборот го извртевме на Деридаовски начин. Панукла сесиите се замислени како периодични настани, на кои ќе се претставуваат формални и неформални состави, кои љубат да практикуваат музика во која немирниот дух, игровноста, презирот кон институционализираните музички калапи, музиката со отворени краеви и слободната импровизација ќе бидат земани како главни водилки при нивните настапи. Придружете ни се!