Skip to main content

„Шарла рекордс“ го објави новиот албум на Александар Пејовски „Метаградот на Серава“

Изданието број 121 во каталогот на „Шарла рекордс“ е новиот албум на Александар Пејовски – „Метаградот на Серава.“

Како гости во една композиција на овој албум се појавуваат Ристо Солунчев и Христијан Моневски, мастерингот го изработи Милан Симовски, а албумскиот омот е дело на Ѓорѓи Гого Клинчаров.

Музичкиот материјал е снимен и продуциран во студиото Коста Новаковиќ.

Ова е единаесеттиот албум за овој исклучително талентиран и продуктивен композитор на современа (класична) музика. Пејовски е инаку познат по својот современ авторски став отпорен на жанровски и стилски ограничувања и предрасуди. Музиката треба да ја живее својата слобода надвор од историските мапи и епохи во кои настанува, а во кои не смее да остане заробена. Притоа, времето и просторот се само алатки за игра, податливи за создавање нови светови, ре-мапирани и вон линеарниот тек на историјата. Така, во овој негов музички мозаик се претопуваат звуци и теми од разни времиња, ослободени од нивното ,,лежиште” и осовременети во еден возбудлив метафизички колаж. Всушност, во фелиниевски манир, тој го поставува Скопје во центарот на еден имагинарен наратив во кој неговите историски топоними и културни архетипи се ре-интерпретирани преку игра со меморијата и време-просторот.