
Меѓународниот монетарен фонд ги поздравува заложбите на Владата за фискалната консолидација и намалување на буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП во 2026 година, информира Министерството за финансии повикувајќи се на објавениот извештај на ММФ, по редовната мисија спроведена во изминатите две недели.
Според ММФ, фискалната консолидација треба да продолжи на среден рок и буџетскиот дефицит да се сведе на 2 процента до 2030 година. На страната на приходите упатуваат дека придобивки може да има од намалување на даночните ослободувања по основ на ДДВ, зајакнување на даночната администрација, намалување на сивата економија и слично.
Во Извештајот, Мисијата на ММФ истакнува дека земјата во 2025 забележа солиден економски раст и намалување на инфлацијата. ММФ нотира дека растот забрза на 3,5% во 2025 година, главно поттикнат од инвестиции поврзани со градежништвото и силна приватна потрошувачка во услови на раст на платите и кредитирањето. Вкупната инфлација се намали од високото ниво од 4,8% во јули 2025 година на 2,9% во февруари 2026 година. ММФ очекува шокот од цените на енергијата, кој произлегува од конфликтот на Блискиот Исток, да влијае врз растот и да ја забави економската активност и да ја задржи инфлацијата на повисоко ниво подолго време. Проектира реалниот раст на БДП да забави на 3,1 процент во 2026 година и да се приближи кон проценетиот потенцијал од 3 проценти на среден рок. Позитивно влијание врз перспективите за растот според ММФ може да има посилната имплементација на реформите. Во извештајот наведуваат дека структурните реформи можат да ја зголемат продуктивноста, да ја зајакнат конкурентноста и да поддржат побрзо доходовно приближување кон Европската Унија. Потенцираат дека реформите во енергетскиот сектор се клучни за обезбедување енергетска сигурност и достапност кое е можно преку инвестиции во енергетска инфраструктура и обновливи извори на енергија, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) беше спроведена во период од 18 до 31 март. Консултациите по членот 4 од Статутот на ММФ се редовни и се спроведуваат еднаш годишно.

Македонски



