Skip to main content

До 1 септември ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кисела Вода ќе добие нова спортска сала

Министерство за образование и наука

Во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во општина Кисела Вода се гради нова училишна спортска сала, која треба да биде завршена до почетокот на новата учебна година. Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, а инвестицијата се реализира со буџетски средства во износ од 32 милиони денари. Увид во градежните работи денес извршија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Ова е една од 30те активни градежни инвестиции во училишни објекти и спортски сали што Министерството за образование и наука ги реализира во моментов во повеќе општини на територијата на државата, а чија вкупна вредност е над 1 милијарда денари. Тука се завршени околу 60% од градежните работи и очекувам до 1 септември да завршат и да ја пуштиме во употреба“, рече Јаневска.

Додаде дека објектот ќе биде наменет за повеќе спортови, така што, наставата по физичко образование ќе биде значително унапредена, а ќе може да го користат и спортски клубови и рекреативци по завршување на часовите.

фото: Министерство за образование и наука

Јаневска рече дека во моментов се градат 4 нови спортски сали и 5 училишни објекти, се реконструираат 15 постојни сали и во 10 училишта има санациски зафати. Сите активни инвестиции, ќе бидат заокружени до крајот на тековната година.

Ова е потврда дека грижата на Владата и на МОН за подобри инфраструктурни услови е исклучително голема. Потсетувам дека од почетокот на мандатот досега се вложени повеќе од 4 милијарди денари, односно околу 67 милиони евра во подобрување на училишната инфраструктура и продолжуваме со исто темпо и во периодот пред нас“, додаде министерката.

И градоначалничката на Кисела Вода посочи дека главен приоритет на општината е учениците да добијат современ простор за квалитетна настава.

Паралелно со оваа сала, активно работиме и на новата спортска сала во ПОУ „Круме Кепески” во Припор, како и на капиталните проекти за доградба на училиштата „Невена Георгиева – Дуња” и „Кирил Пејчиновиќ”. Оваа меѓуинституционална синергија е клучот за реализација на ветеното и за создавање подобра иднина за најмладите во нашата општина“, рече Стаменкоска Трајкоска.

Поврзани вести