Skip to main content

Левица ја образложи интерпелацијата за Илире Даути,  таа одговори дека „вистината не треба да е половична“

Во Собранието, во рамки на 29-тата седница, попладнево почна расправата по првата точка од дневниот ред – интерпелација за работата на Илире Даути – пратеничка на Алијанса за Албанците од коалицијата „Европски фронт“, претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.

Интерпелацијата  во ноември до Парламентот ја поднесоа шесте пратеници на Левица, а денеска  ја образложи пратеникот  Сашко Јанчев. Рече дека Илире Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Како што рече, на 11  септември 2024, Собранието донело заклучок да се донесат измени на Законот во скратена постапка. Претседателот на Собранието ја задолжил Даути да закаже седница да се разгледа законот, но таа тоа не го направила и „своеволно одлучила да не свика седница“.

Претседателката на Комисијата не свика седница за Законот, со што го прекрши Уставот, Законот за пратеници и Деловникот. На пратениците им го ускрати правото на говор, правото  амандмански да интервенираат по овој закон и правото да учествуваат во работните тела на Собранието, истакна Јанчев и нагласи дека Даути  била должна да свика седница кога тоа го побарале една третина од членовите на Комисијата.

Одговорност, според Левица, има и кај претседателот на Парламентот, Гаши, кој требало, но, како што рече, „упорно“  не назначувал друг човек наместо Даути да ја води седницата на Комисијата за социјална политика демографија и млади.

И затоа Левица поднесе кривична пријава против него… ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ можеле да го откочат и да го повикаат Гаши да свика седница зашто неговата позиција зависи од нивните гласови. Но, тие гласно и патриотски си молчат, рече Јанчев.

Тој додаде дека „третиот основ“ на интерпелацијата е тоа што Даути „противделовнички“ не дозволила ниту дополнување на дневниот ред на седниците на Комисијата со оваа точка кога тоа го барале членовите, со став дека точката нема да се најде на дневен ред „се додека не се изедначат правата на поранешните припадници на УЧК со правата на безбедносни сили“.

Ова величење на ОНА е крајно проблематично… Во 21 век се бутка идеја за голема држава, рече Јанчев кој, меѓу другото, наведе злосторства извршени од припадници на УЧК во 2001.

Пратеничката  Илире Даути во одговор на поднесената интерпелација рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.  

Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам,  и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција… Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе, рече Даути.

Според неа, ако се прочитал член 9 од Уставот и член 176 од Деловникот „на секој ќе му биде јасно дека целта е да се покаже демонстрација  на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.

Нема да прифатам еден дел од популацијата да не се третира на еднаков начин иако се еднакви учесници во државата и во буџетските приходи. Секогаш така ќе дејствувам кога ќе биде потребно… Од држава што треба да ги штити, се претвори во држава што им се заканува на граѓаните Албанци. Дали не се срамите, дали не се потите, кога денес правите младите и децата да ги слушаат истите зборови кои сме ги слушале ние во нашето минато. Кога на нашите родители им се заканувале зашто ни ги даваат нашите имиња, рече пратеничката од коалицијата „Европски фронт“ во одговор на интерпелацијата.

Од собраниската говорница таа кажа дека интерпелацијата не ја чувствува лично, туку, рече, „се однесува на сите нас, се однесува на слободата и еднаквоста и на демократските вредности“.

Каков и да е епилогот од ова барање за разрешување, нема да се реши овој проблем, рече Даути.

Таа повика „сите заедно да седнат и да го разгледаат законот“  и условите што тој  ги нуди, како што рече, и за безбедносните сили на државата, и за поранешните припадници на ОНА.

Даути порача и дека за тоа треба да има поддршка од државата зашто од сите бил прифатен мировниот договор.

Пред да се усвои дневниот ред на 29-тата седница, на која се петте интерпелации, пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја напуштија собраниската сала. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски соопшти дека нема да ги поддржат четирите интерпелации за членовите на Владата, поднесени од коалицијата „Европски фронт“, ниту интерпелацијата против Даути поднесена од Левица.

Сметаме дека не треба да се поддржат интерпелациите и затоа СДСМ нема да учествува во оваа расправа, бидејќи Парламентот не е место каде што треба да се поттикнуваат меѓуетничките тензии. Основата на интерпелациите е во една токму таква дебата која треба да се отвори наместо да се отвори за вистински теми кои се однесуваат на работата на министрите и тоа не само за овие за кои е покрената интерпелацијата, туку и за другите, рече Спасовски.

Според него, во интерпелациите за членовите на Владата (вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени – поднесени од „Европски фронт“) можело да се опфатат и други теми, како што рече – „скандалите со бегствата на Рамадани и Груби, безброј активности од безбедносен план што ни се случуваат, палење автомобили и викендички на многу места во државата“. Спасовски рече дека „не може да бидат основа само темите што се отвораат за Денот на албанското знаме“ и дека за тие инциденти постојат закони и „ако се прекршени се носат одговорности и не можат да бидат политички одговорности“.

За поднесената интерпелација за Даути, пак, координаторот на СДСМ соопшти дека не ја поддржуваат затоа што сметаат дека вината за тоа што не се закажува седница за Законот за бранители е кај претседателот на Собранието кој, рече, „има двојни стандарди“ и „различно постапување во две исти ситуации“, односно „едно за законот за бранители, а  второ за Законот со задолжување за унгарскиот кредит“.