Skip to main content

Концерт на „Фанк шуи“ вечерва на Видик

Еден од најактуелните алтернативни бендови кај нас „Фанк шуи“ вечерва во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе одржи концерт во рамки на третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“ што почна синоќа во организација на „Литература.мк“.

Со креативна фузија на повеќе области на културата, фестивалот „Видик“ отвора нови видици, давајќи им значајна поддршка на авторите и уметниците од различни области на културното творештво во нашата земја.

Бендот „Фанк шуи“, основан пред 16 години, се вбројува меѓу најпрепознатливите имиња на современата македонска и регионална музичка сцена. „Фанк шуи“ започнува како авторски проект што со текот на времето прераснува во стабилен музички состав. Нивниот деби-албум „Aether“ беше објавен во 2012 година, по што следуваше „R.E.M.“ во 2015 година и ЕП-то „Импулс“ во 2018 година. Во 2023 година бендот го објави третиот студиски албум „Никогаш Пак“, кој ги вклучува сингловите „Ветер“, „Не Време“ и „Крик“. Албумот беше проследен со промотивни активности и две распродадени концертни вечери во Скопје. Во изминатите години Funk Shui настапуваа на повеќе меѓународни музички фестивали и конференции, меѓу кои Eurosonic ESNS, MENT Ljubljana, Mondo.NYC, Athens Music Week, PIN Music Conference и Liverpool Sound City. Синглот „Метеори“ беше прогласен за „Сингл на годината 2020“ според публиката на порталот Balkanrock.

Бендот е номиниран за HEMI Music Awards во 2021 и 2023 година, како и за INES Talents во 2021 и 2022 година. Зад себе имаат турнеи низ Велика Британија, Полска, Австрија, Германија, Холандија и низ повеќе балкански земји.

Поврзани вести