
Годинава сме поподготвени од порано во однос на справувањето со пожарите. На располагање имаме пет пилоти за ер-тракторите, а најдоцна во текот на мај се очекува да бидат вратени од сервис двата ер-трактора, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Во овој момент, Дирекцијата располага со пет пилоти за ер-трактори, кои се подготвени за дејствување во пресрет на сезоната на шумски пожари. Во моментот еден ер-трактор е функционален, додека другите два се на сервис во Загреб и очекуваме во април, најдоцна во мај, истите да бидат вратени, така што во јуни ќе имаме три функционални ер-трактори и пет пилоти. Истовремено, се работи и на обезбедување дополнителен број пилоти. Од минатата година, на располагање се и 43 специјални возила – претходно воени и полициски, пренаменети за гаснење пожари: 23 „Пицгауери“, 15 БТР-80 со моќни водни топови со домет од околу 100 метри, како и пет „хермелини“ за влечење цистерни од четири до осум тони. Дополнително, во некои делови од државата се зајакнати капацитетите со нови или донирани возила, а некои доброволни противпожарни друштва, како она во Кочани, исто така значително ги зголемија своите капацитети, изјави денеска Ангелов пред почетокот на конференцијата за меѓународниот проект „Forest Fire Struga- FFS“ што се одржа во Скопје.
Според Ангелов, земјава научила многу од минатото и влегува многу поподготвена во сезоната на пожари, иако вели дека поимот „подготвеност“ може да се толкува различно и дека и многу посилни држави како Грција и Турција секоја година се соочуваат со сериозни пожари и бараат меѓународна помош.
Македонија заедно со дел од државите во регионот, а под покровителство на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, е вклучена во проектот „Forest Fire Struga- FFS“ чија цел е зајакнување на капацитетите на тимовите за брз одговор. Проектот беше промовиран денеска, а во него покрај Македонија, вклучени се и Грција, Кипар, Црна Гора, Албанија и Бугарија. Во рамки на проектот ќе се одржи и меѓународна вежба, што ќе се реализира во регионот на Струга и Охрид, особено во подрачјата на националните паркови Галичица и Јабланица.

Македонски



