
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.
Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.
Oвој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – дел од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството.
Истовремено, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок.
Со оваа комбинирана интервенција:
- спречен е значителен раст на цените на горивата
- обезбедена е стабилност на пазарот
- заштитен е животниот стандард на граѓаните
- намален е притисокот врз транспортот и економијата
Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните – истакна министерката Сања Божиновска.
Министерството нагласува дека одговорноста во вакви услови е заедничка и дека позитивниот пример со зголемениот попуст за дизел треба да биде следен и од останатите учесници на пазарот, со цел бенефитите целосно да се рефлектираат во малопродажните цени.
Паралелно, снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата.

Македонски



