Skip to main content

Заврши темелната реконструкција на Регионалниот центар за стручно – образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово

Министерство за образование и наука

Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово доби нов лик. Заврши реконструкцијата и опремувањето на сите објекти во рамки на ова државно училиште во кое се реализира образовен процес во повеќе струки – машинство; електротехника; угостителство и туризам; земјоделство, рибарство и ветеринарство; и сообраќај, транспорт и складирање. Инвестицијата е во вредност од речиси 5 милиони евра, кои се обезбедени од државниот буџет, а ќе бидат рефундирани од Европската унија.

Училиштето денес го посетија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Сите стари објекти на кои верувам тетовци и минатите генерации се сеќаваат во каква форма беа, сега се трансформирани во модерни простории, одлично се опремени со училишна, информатичка и електромеханичка опрема и нивото на квалитет на воспитно – образовниот процес е значително подигнато. Очекувам училиштето да продолжи да создава уште подобро подготвени и потребни стручни кадри кои ќе се вклучуваат во општествените процеси, во индустријата и економијата“, рече Јаневска.

Министерката нагласи дека со заокружувањето на оваа крупна инфраструктурна инвестиција во образованието, всушност е реализирана и една од обврските на државата предвидени во Реформската агенда.

Имаме задача до крајот на 2027 година да основаме 8 регионални центри за стручно образование и наука и да им обезбедиме квалитетни услови за наставен процес. Со задоволство споделувам дека 7 се основани и од нив, 3 веќе функционираат одлично. Меѓу нив е и ова училиште, за што сакам да упатам благодарност до Европската унија која финансиски ни помага да ја оствариме целта, до Владата што исто така во последните две години за ресорот образование одвојува најмногу пари досега и до бизнис заедницата која се вклучува во реализација, развој и промоција на стручното образование во кое е всушност иднината на младите и воопшто на државата“, додаде Јаневска.

Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово има пет објекти во состав и сите се темелно реконструирани. Поставена е нова енергетски ефикасна фасада, нова кровна конструкција, заменети се вратите и прозорците и обезбедена е пристапност за лица со посебни потреби во двата главни објекта. Во училиштето има над 1000 ученици и 150 наставници.

Поврзани вести