
Шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, изјави дека Исламската Република ја смета војната за наметната, додавајќи дека Иран исклучиво се брани себеси и не ги гаѓа цивилните цели во земјите од Персискиот Залив, и дека поради американските напади врз иранската цивилна инфраструктура, оваа земја одлучила да се брани според принципот „око за око“.
„Ова не е наша војна. Тоа е војна што ни е наметната. Ние не ја започнавме. Тоа беше неиспровоциран и нелегален чин на агресија против нас. Ние само се браниме себеси“, рече Аракчи во интервју за MSNBC.
Иранскиот министер за надворешни работи додаде дека Иран ќе продолжи да се брани „доколку е потребно“ за да ја заврши војната на начин што ќе спречи нејзино повторување во иднина.
Истовремено, иранскиот министер за надворешни работи ги отфрли обвинувањата дека Иран ги гаѓа цивилните цели во земјите од Персискиот Залив, нагласувајќи дека Исламската Република ги напаѓа само американските воени бази и инсталации лоцирани на територијата на овие земји.
„За жал, американските бази и воените инсталации се наоѓаат на територијата на нашите соседи и ние ги гаѓаме американските цели, американските интереси и американските средства во самоодбрана“, рече тој.
Тој рече дека САД претходно ги ракетирале цивилните цели низ Иран, вклучувајќи ги училиштата и болниците.
„Тие го нападнаа училиштето во Минаб, ги нападнаа болниците, а пред два дена ја погодија и зграда на банка. Затоа решивме да одговориме според принципот „око за око“, нагласи Арагчи.
Зборувајќи за поморскиот сообраќај, Арагчи рече дека Ормускиот Теснец е отворен за меѓународен превоз, но дека Иран не дозволува премин на танкери и бродови на земји што ги смета за непријатели.
„Ормускиот Теснец не е затворен. Затворен е само за танкери и бродови што им припаѓаат на нашите непријатели, односно на американски и израелски бродови и нивните сојузници. Други можат слободно да минуваат“, рече тој.
Коментирајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудуваат нападите на Иран врз арапските земји, Арагчи оцени дека Советот за безбедност често донесува политички мотивирани одлуки.
„Како е можно Советот за безбедност да нè осудува за самоодбрана, а да не ги осудува САД и Израел кои ја започнаа агресијата? Ако сакаат праведна одлука, мора да ги земат предвид сите факти“, заклучи Арагчи во интервјуто за MSNBC.

Македонски

