
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска пристигна во Париз, каде што треба да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, објави неговиот портпарол, Сергеј Никифоров.
Тој истакна дека програмата на посетата вклучува разговори меѓу претседателите на Украина и Франција, а Зеленски ќе се сретне и со студенти, пренесува Укринформ.
Како што претходно беше најавено, двајцата претседатели ќе разговараат за актуелната ситуација во Украина, поддршката на Франција и европските партнери во помагањето на Киев, како и за начините за зголемување на притисокот врз Русија, вклучително и борбата против таканаречената руска „флота во сенка“, објави Укринформ.
На средбата, соговорниците ќе разменат мислења и за условите за постигнување праведен и траен мир, како и за обврските преземени во рамките на Коалицијата на подготвените во врска со безбедносните гаранции.
Зеленски веќе го посети Париз на 6 јануари, кога разговараше со Макрон и учествуваше на самитот на Коалицијата на подготвените.

Македонски

