
Па и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, изјави Ванчо Полазаревски, кој за романот за деца и млади „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ ја доби наградата „Оливера Николова“ која втора година по ред ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Арс Ламина“ победникот за 2026 година го прогласи на 11 март, датум на кој Николова, најпознатата и најплодна македонска писателка ќе наполнеше 90 години.
Промоцијата на книгата „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и врачувањето на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година ќе се одржат на посебен свечен настан.
На прес-конференцијата, што се одржа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, беше соопштено дека победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип).
Пред некое време ѝ реков на мојата докторка: има еден награден конкурс, ќе пишувам романче. Зошто да не, вели таа, седни пишувај, тоа не е лошо, ама награди? Чуму ти се, тие се за млади, за тебе се награди за некои јубилеи, за животно дело,.. евентуално Златен венец… хм, Нобелова награда. Не ја послушав мојата докторка, можеби затоа што таа е и моја сопруга, по име Мирјана и згора на тоа е психијатар… за деца. А јас пишувам за деца. И така седнав да го пишувам романчето, сериозно, темелно, ко да е: да се биде или не. Така ми дојде. Го напишав, го испратив сè како што треба и… ко за беља… ја добив наградата. Е сега, што е за право, тоа не беше беља туку многу радост, среќа, гордост… Накусо, ù се израдував како дете. Па и Е тука сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда која ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на „Арс Ламина“ да му даде силен поттик на ова творештво за деца е навистина чекор за поздравување, изјави Полазаревски.
На вториот конкурс за наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова, што траеше од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, пристигнаа 46 ракописи. Жири-комисијата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи.

Во одлуката на жирито се вели:
„Романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широкото раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас кој може да биде и лик, но и резервен наратор (ненаклонет кон сезнајниот раскажувач!), сето време директно обраќајќи им се на децата-читатели и вклучувајќи ги во дејството. Непознатиот глас со сомнежот во сè и со постојаната расположеност за кавга ја одржува динамиката, но и високата температура на текстот. Тој е лик/наратор – вистинско освежување во романот, па и во жанрот, кој за себе вели: Јас сум гласот на реалното, оној што на сите кои ќе зајдат во измислување приказни им вели да се приберат, да тераат со усул, полека, да не запнуваат, зашто секоја приказна не е петарпанија или црвенкапија. Суштества со сто очи, со милион рогови… тикви со расол, бурек со топуски… ајде, ти се молам! Всушност, овој лик/наратор вели дека е сè што творештвото на самиот Ванчо Полазаревски не е.
Годинашниот добитник на наградата ’Оливера Николова‘ – ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ од Ванчо Полазаревски ја актуелизира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ù претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот. “
Ванчо Полазаревски (1951) e истакнат македонски хуморист, сатиричар и писател за деца. Има работено како новинар и уредник. Автор е на следниве книги: „Па што?“ (хуморески за возрасни); „Скриб-тиз“ (афоризми); „Сештологија“ и „Крадец на интернет“ (пиеси за деца); „Гатанки 1“ и „Гатанки 2“ (гатанки); „Бушавиште“, „Смеалиште“, „Лилав пилав“, „Лифт“, „Азбукварка“, „Баба Рога вежба јога“ и „Шарено марено“ (поезија за деца); „Фока во фиока“ (брзозборки); „Џемпер-дрво“, „Шашардарија“, „Распашани приказни“, „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“ и „Ноќ и ден“ (раскази за деца); „Нервозни приказни“ (проза за возрасни); „Солзи и бисери“ (театарска претстава). Тој е автор и на неколку сликовници: „Големи и мали“, „Броенка“, „Први зборови“…
Добитник е на наградата на МТВ за најдобра книга за деца и млади меѓу две Струги (за „Смеалиште“), како и на специјалната награда на Остеновата Светска галерија на карикатури (заедно со Мустафа Асим). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, а беше член и на сатирично-хумористичната група „Кикс“ при „Студентски збор“. Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е негов прв роман за деца и млади, добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година.
„Арс Ламина“ денеска го распишува и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2027 година.

Македонски

