
Една од најпознатите и најемотивни опери од светскиот репертоар – „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – ќе биде изведена на 13 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
Операта претставува музичка драма со силна човечка приказна во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина. Делото важи за едно од најизведуваните во светската оперска литература, а со својата емотивна музика и драматична приказна постојано ја освојува публиката.
Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, додека режијата ја потпишува Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.

Во насловната улога – Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) ќе настапи Сандра Митровска, додека улогата на Пинкертон ќе ја толкува Зоран Сотиров. Во улогата на Шарплес ќе настапи Педро Кариљо од Венецуела.
Во останатите улоги настапуваат Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Пучини во ова дело маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи музика исполнета со лирска нежност и силен драматичен набој, поради што ова дело се смета за едно од најтрогателните во оперската уметност.

Македонски

