Skip to main content

Промоција на Регионален феминистички туристички водич „Откривајќи ја нејзината историја“ и промотивната тура во Скопје

По повод Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, Ве покануваме да присуствувате на промоцијата на Регионалниот феминистички туристички водич „Откривајќи ја нејзината историја“, како и на промотивната тура во Скопје, која ќе се одржи на 8 март 2026 година (недела), со почеток во 10:00 часот, на Фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.

Настанот има за цел да ја приближи женската историја и културното наследство во јавниот простор, преку мапирање и раскажување на приказните за жените кои оставиле значаен белег во општествениот, културниот и историскиот развој на нашите градови.

Регионалниот водич ги мапира и претставува значајните локации во Скопје, Белград и Тирана, поврзани со женската историја, културното наследство и придонесите на жените во јавниот и општествениот живот. Промотивната тура во Скопје е дел од регионалната промоција и тура што се реализира од 6 до 10 март во Тирана, Скопје и Белград, со цел да се промовира феминистичкото културно наследство и улогата на младите во неговото истражување, мапирање и афирмација.

Во рамки на турата ќе бидат посетени четири локации од Водичот: Фонтаната „Лотус“, споменикот на Вера Јоциќ, скулптурата „Пајонска свештеничка“ и Паркот „Жена Борец“. На секоја од локациите, младите автори на Водичот ќе ги презентираат резултатите од своето истражување и ќе го споделат значењето на овие места како дел од културното и историското наследство на градот.

Настанот ќе ги обедини младите автори од Македонија, Србија и Албанија, кои работеа на развивање на Водичот за Скопје, Белград и Тирана, а промотивната тура е предвидено да трае до 12:00 часот.

Настанот се организира во рамки на проектот Откривајќи ја нејзината историја: Зајакнување на младите и зачувување на феминистичкото наследство, имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Center for Population Policies and Sustainable Development – IPPF Србија и ACPD Албанија, со поддршка од Европската асоцијација за локална демократија (ALDA), во рамки на BOOST програмата.

Ги покануваме медиумите да го проследат настанот и да придонесат кон поголема видливост на женската историја, културното наследство и улогата на младите во неговото зачувување и промоција.

Поврзани вести