
Режисерот Парк Чан-вук од Јужна Кореја е именуван за претседател на жирито на овогодишниот Филмски фестивал во Кан, објавија денеска организаторите.
Претстојното, 79. издание на Канскиот филмски фестивал ќе се одржи од 12. до 23 мај. Се очекува официјалната селекција на филмовите да биде објавена во април.
Жирито ќе одлучува за „Златната палма“, главната награда на меѓународниот фестивал, што треба да се додели на 23 мај. Парк (62) претходно освои неколку награди на престижниот француски фестивал, и ќе биде првиот Јужнокореец кој ќе ја предводи таа жири-комисија. Јужнокорејскиот филмаџија, по тој повод, рече дека Фестивалот ја одразува неговата „рана и длабока приврзаност кон корејското кино“. Тој, инаку, ја наследува француската глумица Жулиет Бинош, која претседаваше со жирито во 2025 година, кога угледното жири му ја додели „Златната палма“ на иранскиот режисер Џафар Панахи за „Едноставна несреќа“.
Парк претходно освои „Гран при“ на Фестивалот во 2004 година за неговата драма за одмаздата – филмот насловен „Стариот“. Подоцна ја доби наградата од жирито во 2009. за „Жед“, па се врати во 2016. со „Слугинката“ и во 2022 година ја освои наградата за најдобар режисер за „Одлука за заминување“.

Македонски



