Skip to main content

Музичка младина на Македонија ја започнува концертната активност од циклусот „Млади за Млади“ со концерт во КИЦ Скопје

Музичка младина на Македонија ја започнува овогодишната концертна активност од
циклусот „Млади за Млади“, дел од програмата „Млад музички албум“, со концерт
што ќе се одржи на 25 февруари (среда) во 20:00 часот, во Салон 19:19 при Културно-
информативниот центар во Скопје. Влезот е слободен.

На концертот ќе настапат младиот виолончелист Александар Ицковски и пијанистот
Давид Павиќ, кои ќе изведат дела од Ј. Хајдн, Д. Попер, А. Бабаџањан, А. Арутјунијан,
како и композиции од македонските автори В. Николовски и Д. Шуплевски.
Програмата обединува класичен репертоар и современи творби, со посебен акцент на
домашното музичко творештво.

Александар Ицковски (2007) е млад виолончелист со бројни награди и значајни
настапи во земјата и странство, вклучително и учество во европски младински
оркестри и меѓународни фестивали. Давид Павиќ (2005), студент на Факултетот за
музичка уметност – Скопје, е активен солист и камерен музичар, добитник на повеќе
награди и ангажиран како корепетитор во Македонската опера и балет.
Циклусот „Млади за Млади“ има за цел да создаде професионална концертна
платформа за афирмација на млади изведувачи и автори, овозможувајќи им сценско
искуство и директен контакт со публика.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна
Македонија.

Со овој концерт Музичка младина на Македонија ја продолжува својата програма за
2026 година, официјално отворена на 31 јануари со настап на бендот Tsar von Time.
Следниот концерт од циклусот „Слободна среда“ ќе се одржи на 25 март во Музејот на
македонската борба во Скопје. Во текот на годината се планирани и концерти во
училишта и други градови низ државата, како дел од програмата „Млад музички
албум“.