Skip to main content

„Момент на пресврт“- интерактивна изложба на дигитална уметност од Драшко Накиќ во КСП Центар-Јадро

Момент на пресврт
Интерактивна изложба на дигитална уметност од Драшко Накиќ 

24 февруари (вторник) I 19:30 часот 
Изложбата може да се посети до 26 февруари, секој работен ден од 10:00 до 16:00 часот

Поставката со наслов „Момент на пресврт“ има за цел да поттикне сеќавање на оние луѓе кои ни помогнале кога ни било најтешко. Истата сака да потсети дека животот може брзо да се претвори од хармонична сказна во исцрпувачка борба, но и дека преку поддршката од искрено, грижливо социјално опкружување може да се најде инспирација и позитивна гледна точка за справување со предизвиците. 

Поставката нè води низ четири фази: „Пренасочување“ – моменти на драстична промена, „Еуфорија“ – период на возбуда поради идентификување на новиот пат и чекорење кон светлата точка, „Хармонија“ – запливување во мирни води и смиреност, и „Игривост“ – комплетна комотност во новата ситуација и охрабрување за влез во нови креативни процеси. Во фазата „Пренасочување“, посетителите се повикани да помислат на личност која им помогнала во тешки моменти слични на тие прикажани во делата и да стават стикер со името и меѓусебниот однос. Како симбол на тоа дека секој немил настан може да се гледа од различен агол во потрага по светла точка, посетителите ќе можат физички да ги ротираат делата и да запишат свои, нови наслови.
 

Драшко Накиќ има докторат по биомедицинска информатика. Моментно работи на својот стартап, а поседува долгогодишно истражувачко искуство на универзитетите Харвард и Колумбија во САД. Во својата претприемачка и научна дејност, Драшко се фокусира на дизајн на алатки поткрепени од вештачка интелигенција кои им помагаат на пациентите да ги разберат своите медицински податоци и да комуницираат поефективно со лекарите. Во 2020 година, Драшко се одлучува да ги преточи своите вештини за визуелизација на податоци во презентирање на животни настани преку геометриски форми и строги правила на нивниот аранжман. Овој труд вродува со плод преку самостојна изложба во Њујорк (САД) во 2025 година.

Поврзани вести