
Славејќи го јубилејот 35 години од основањето, „Матица македонска“ продолжува да ја чествува македонската книжевност. Меѓу другото, „Матица“ веќе почна јубилејна едиција со прозни и поетски книги што се стожерни за современата македонска книжевност, а се од автори што со своите книжевни дела имаат остварено трага по траекторијата на развојниот пат на првата издавачка куќа во самостојна Македонија.
Првата книга што „Матица македонска“ ја објави во едицијата е ново издание на збирката раскази „Ѓон“ од Драги Михајловски, со поговор од Раде Силјан. Повторно достапна за читателите е книгата со којашто Михајловски зазеде високо место во современата македонска книжевност уште на почетокот на последната деценија на минатиот век. Како што оцени критиката, „Ѓон“ е збирка со сконцентрирани, сублимирани, мајсторски избалансирани раскази што соодветствуваат со светските книжевни корелации, обединувајќи го „локалното“ во еден модернистички ракурс кој е по значење и творечки потенцијал на рамниште со современиот литературен наратив во светот.
– Книгата, иако навидум секојдневна, го обработува необичното, несекојдневното, чудното што барем еднаш сигурно му се случува во животот на секој човек. „ Ѓон“ припаѓа на жанрот приземјена фантастика и е читана и денеска од сите оние што сакаат да станат писатели во оваа наша Македонија, истакнува меѓу другото, Раде Силјан, во поговорот на изданието.
Покрај што содржи критички осврт за „Ѓон“, во поговорот се анализира и вреднува севкупниот книжевен опус на Драги Михајловски.
– Михајловски, на творештвото му пристапува автентично и самосвојно, без кокетирање и лажно посредништво. Тој е од оној вид литерати-самотници кои во континуитет се профилираа во творци од висок ранг. Спаѓа во редот на писателите кои литературата ја сфаќаат како процес на пресликување на одредени места и судбини, но и како потреба за дополнување, обликување и надградување на настани што се случиле во времето минато и во нашиот сегашен миг и простор. Овој автор ја преобликува реалноста на нашето живеење и опстојување. На страниците од неговите дела, големите настани се одраз на реални случки, на препознатливи процеси и на секојдневни предизвици, длабоко врежани во меморијата на македонскиот човек. При литературното обликување, тој често користеше релевантни факти, херои од нашето минато, но и од нашето секојдневно опкружување, настани што се случиле и што оставиле траги во колективната свест на народот, посочува меѓу другото Силјан.
Во прозата на Драги Михајловски, како што е напоменато во поговорот, се истргнуваат од заборав вистински настани и судбини, на кои авторот им вградува оригинален литературен белег. Со својата бујна фантазија, тој пресоздава ликови од едно блиско и возбудливо место.
– Тие се крај нас, во градот под Пелистер, крај Драгор и Курдерес, во Битола. Неговите херои лебдат меѓу гласот на одминатото време и гласот на времето во кое живееме. Тие се неповторливи судбини и одат по работ на замислената реалност и, како по непишано правило, често се соочуваат со заблудата на животните патешествија. Ја прифаќаат живејачката како неповторливо ехо, како далечно сениште и како јасно соочување со спротивностите на времињата минати и времињата сегашни. Благодарејќи на својата дарба и на својата предодреденост за бележење на животните стории и, особено, благодарејќи на големата упорност и стаменост за континуирана белетристичка надградба, Драги Михајловски прерасна во творец со специфична епска зафатнина, заклучува Силјан во завршницата на поговорот.
Како што посочуваат од „Матица македонска“, наскоро ќе бидат објавени и други дела во едицијата по повод големиот јубилеј – книги што треба да ги има во секој македонски дом.

Македонски



