Skip to main content

Театарската претстава „Генерална проба“ утре во КИЦ-Скопје

Генерална проба – театарска претстава

Културно-Информативен Центар (Салон 19:19)

14 февруари 2026, 20 ч

Генерална проба е траги-комедија за љубовта, театарот и животот како недовршена сцена, како вечна репетиција без премиера.Двајца актери, менувајќи маски и идентитети, играат спектар на љубовни врски, од комичност до трагичност, од страст до празнина, од блискост до разделба.

Секој од тие парови се наоѓа во момент на егзистенцијално и емоционално преиспитување веднаш по водење на љубов. Претставата е искрено и директно истражување на љубовта, сексуалноста, самоизмамата и потрагата по смислата на постоењето. Соголувањето, симнувањето и менувањето на маски,лицемерието, сé е тоа дел од нашето секојдневие, а овде конкретно е прикажано преку темата-ЉУБОВ, но дали таа се сведува само на сексуално задоволство, физичка привлечност и оргазам?

Во хотелска соба, која е еден сценски импровизиран микрокосмос и театар, љубовта секогаш останува во статус “проба”. Ова е момент пред премиера, потрага по совршенство, простор на неизвесност, недовршеност и ризик. Такви се односите на овие 12 ликови, постојана проба на љубов, која никогаш не доаѓа до реализација.

Таа соба е истовремено реален и симболичен простор, место на телесна средба, но и на театарска илузија. Во тој двоен простор, љубовта се претставува како недовршен текст што секој пат се препишува одново.

Лош текст, лоша режија, без крај, без концепт… налик на животот! Суета, его, надменост, себичност, нарцисоидност-се што е човекот-актерот!

„Генерална проба“ НЕ ВЕТУВА ПРЕМИЕРА!!!

Таа останува само генерална проба,како и нашите животи,кои никогаш не достигнуваат совршенство,туку само низа на обиди,репетиции и незавршени љубови.

Текст: Радо Алексовски

Режија:Давид Илиќ

Играат: Ирена Илиевска и Радо Алексовски

Времетраење: 1 час и 10 мин.

Поврзани вести