
Во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ и по повод 35 години од своето основање, „Матица македонска“ објави второ издание на антологијата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски – книгата во којашто најубавите македонски љубовни стихови се собрани на едно место.
На близу 500 страници, со 342 песни од македонски поети од сите генерации, во петте циклуси на книгата, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин. Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија, а со читањето на стиховите од „Македонска љубовна лирика“ се враќа вербата дека и во ова наше време, може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст.
– Љубовта има многу јазици, а поезијата е нејзиниот најнежен јазик. Антологијата „Македонска љубовна лирика“ е вистински подарок за секој што сака да ја почувствува длабочината, страста и нежноста на македонскиот љубовен стих. На 14 февруари, на саканата личност подарете ѝ книга во којашто има копнеж, нежност и страст, порачуваат од „Матица македонска“.
Инаку, „Македонска љубовна лирика“ е еден од стотиците наслови што „Матица македонска“ ги овозможува со голем попуст во текот на зимскиот саем „Книга во секој дом“, во книжарницата и онлајн. Во текот на саемот, од „Матица“ ја почнаа и иницијативата „Подари книга, подари свет“, по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги, 14 февруари, и во тек е Седмицата на дарувањето. А на истиот ден, книгата е најдобриот подарок и за прослава на љубовта и виното.
Ова издание се издвојува како највредниот македонски подарок за саканата личност, а во рамките на саемот, од „Матица“ имаат понудено и огромен број други наслови од македонски и од странски автори, со јубилеен попуст од 25 до 80 проценти.
Во Македонија, со иницијативата на „Матица“ за првпат на ваков начин се чествува и Меѓународниот ден на дарувањето книги. Неодамна, од „Матица македонска“ којашто во текот на Седмицата на дарувањето дава неколку значајни донации на книги особено за најмладите, ги повикаа институциите, општествено одговорните компании од државата, вклучително и сите издавачки куќи, но и сите поединци, да се вклучат во иницијативата за дарување книги, овозможувајќи пристап до книги до сите читатели, особено до младите генерации. Повикот е упатен и до сите граѓани што се во можност по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги да подарат книга некому – на член на семеството, саканата и саканиот, пријател/ка, колешка и колега, познаник, пријател…
„Македонска љубовна лирика“ е и единствениот тематски избор од македонската љубовна лирика во моментов присутен во македонските книжарници. Од неодамна, книгата е дел од изборната лектира за гимназиско образование, но е книга за сите генерации, што треба да ја има во секој македонски дом.

Македонски



