
Јавниот обвинител и доскорешен шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, преку писмено јавно обраќање најостро ги демантира, како што вели, клеветите и измислените наводи што адвокатката Лејла Кадриу ги изнесе во емисијата „Вечерно шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, а кои се однесуваат на неговото постапување и работење додека бил дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Во гостувањето емитувано во саботата (7 февруари 2026 година), Кадриу тврдеше дека во СЈО се примале материјали без записник, дека претставници на тогашното раководство на СДСМ често биле присутни во просториите на обвинителството, како и дека одредени обвинители биле главни соработници на тогашната специјална обвинителка Катица Јанева. Таа ги посочи Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова, наведувајќи дека нивниот збор секогаш се слушал.
Поранешната обвинителка, сега адвокатка, зборуваше и за буџетот на СЈО, тврдејќи дека дел од средствата биле наменети за исплати на деца на политичари. Дополнително, изнесе навод дека Бубевски поседувал четири мобилни телефони кои ги носел на состаноци во СЈО, што на други им било забрането, како и дека еден милион евра од одобрениот буџет биле потрошени во период кога, според неа, немало никакви активности.
Бубевски во својата реакција оценува дека станува збор за невистини креирани со цел да се наштети на неговиот личен и професионален углед. Тој наведува дека веднаш по емисијата иницирал постапка со која бара извинување од Кадриу за, како што вели, изнесените лаги.
„Доколку не добијам извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и во суд ќе се докаже дека сè што беше кажано во наведената емисија е апсолутна невистина“, наведува Бубевски.
Тој додава дека првично сметал оти изнесените клевети не заслужуваат јавно внимание, но заклучил дека општеството, според него, не е доволно отпорно на лаги.
Во продолжение од обраќањето, Бубевски се осврнува на своето работење во СЈО, истакнувајќи дека никогаш во својот живот немал четири мобилни телефони.
„Како јавен обвинител во СЈО имав еден телефонски број што го користев цело време, а по враќањето во ОЈО Скопје исто така користам само еден телефон. Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи вистински верувам во начелото на транспарентност и на тој телефон секогаш сум бил и останувам отворен и достапен за сите прашања“, наведува тој.
Бубевски ги отфрла и сите наводи за какво било влијание врз неговото работење, посочувајќи дека стои зад секоја одлука што ја донел. Во однос на предавањето на прислушуваните материјали, тој тврди дека лично не бил присутен во дел од ситуациите опишани во интервјуто и дека за тоа постојат соодветни докази. Посочува дека записник за тие материјали постои и дека е дел од доказите во предметот „Таргет-Тврдина“.
Во делот што се однесува на адвокатката Кадриу, Бубевски наведува дека на јавнообвинителската организација ѝ се добро познати причините за нејзиното оддалечување најпрво од позицијата во СЈО, а потоа и од редовното обвинителство, за што, како што наведува, се водени и соодветни постапки за одговорност.
Според него, Кадриу се обидува да го загрози неговиот професионален интегритет и да влијае врз неговото извршување на јавнообвинителската функција.
„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви“, наведува Бубевски.
Тој очекува во судска постапка да се докаже вистината наспроти, како што вели, лагите со кои поединци ја манипулираат јавноста подолг временски период, а со тоа да се утврди и нивната кредибилност како извори на информации во медиумите во однос на состојбите во правосудството.
За потсетување, Бубевски до неодамна беше шеф на Основното јавно обвинителство Скопје. Тој се кандидираше за нов мандат, но мнозинството во Советот на јавните обвинители за функцијата го избра неговиот колега Анел Фидоски.
Лејла Кадриу, како тогашен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, на почетокот беше избрана во тимот на Катица Јанева при формирањето на СЈО кон крајот на 2015 година, но по кратко време беше отстранета од него.
Во меѓувреме, на нејзините тврдења реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која, цитирајќи и парафразирајќи делови од телевизиското гостување, оцени дека СЈО повеќе наликувало на штаб на СДСМ отколку на јавно обвинителство.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека поранешниот министер за внатрешни работи во владата на СДСМ, сега пратеник, вршел притисок врз обвинителите во СЈО кои лица да се гонат, како и дека тогашната специјална обвинителка работела по наредба на поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.
„СДС, Заев и Спасовски, преку Катица Јанева, контролирале кои предмети СЈО ќе ги обработува, кој обвинител ќе ги води и кои лица ќе бидат опфатени. Обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги обработувале овие предмети, додека Јанева имала улога на координатор“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



