
ВЕЧНИТЕ МУЗИЧКИ ПИОНЕРИ КОИ СЀ УШТЕ ЖИВЕАТ ВО ИДНИНАТА, ЛЕГЕНДАРНИТЕ KRAFTWERK ЗА ПРВ ПАТ СО ГОЛЕМ OPEN AIR ВО СКОПЈЕ!
25 ЈУЛИ – САБОТА
СТАДИОН НА АРМ
21 ЧАСОТ
Ако постои бенд за кој може да се каже истото и да се искористат истите епитети од минатогодишната најава за Massive Attack – „бенд и бренд кој е во било кое време пред времето“, тоа се без сомнение – KRAFTWERK!
Бендот без кој во музиката многу работи немаше да бидат тоа што се: од електро до хип хоп, од техно поп до синт поп, го вклучи Скопје во својата нова „Multimedia 2026“ турнеја со голем open air концерт на 25 јули (сабота), а како локација е избран најубавиот летен простор во градот, Стадион на АРМ!
Електронски визионери, добитници на Grammy Lifetime Achievement Award и членови на Rock & Roll Hall of Fame, KRAFTWERK се институција и уметничка сила која засекогаш го смени начинот на кој ја доживуваме музиката, технологијата и live перформансот… и, 50 години подоцна, се’ уште го менува.
Во време кога вештачката интелигенција станува сеприсутен дел од нашето секојдневие, кога сѐ почесто се отвораат прашања за тоа како технологијата нѐ менува и обликува, Скопје ќе го пречека бендот кој прв ја постави дилемата за симбиотската врска помеѓу човекот и технологијата.
Сакале да признаеме или не, после Битлси, Kraftwerk можеби се највлијателниот бенд во историјата на поп музиката; нивното влијание одамна ги надмина рамките на електронската музика и се прошири и во други жанрови како хип – хоп, рок, поп…
Безброј артисти ги имаат наведено Kraftwerk како инспирација, меѓу кои Daft Punk, Kanye West, Depeche Mode и David Bowie.
Тоа е веројатно така затоа што Kraftwerk се еден од првите бендови кој се има претставено како целосно концептуален проект со унифицирана идеја. Kraftwerk никогаш не биле бенд со концептуален албум – самите Kraftwerk се концепт, проект во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата, идеологијата и live перформансот функционираат како едно кохерентно уметничко дело.

Македонски




