
Шестгодишно девојче е единственото преживеано од четиричлено семејство по тешката железничка несреќа што вчера се случи во јужна Шпанија, соопштија локалните власти во покраината Уелва.
Во несреќата загинале брачен пар од Пунта Умбрија, нивниот 12-годишен син и еден нивни роднина. Единствено најмладата ќерка успеала да преживее и е згрижена во болница.
Жителите на местото Адамус сведочат дека сцените по несреќата биле шокантни и досега невидени за локалната заедница. Локален продавач на лотариски билети изјави дека неколку минути по несреќата се искачил на покрив за подобар преглед и видел десетици полициски и противпожарни возила, амбулантни екипи и припадници на цивилната заштита, додека пристапот до местото бил целосно блокиран.
Други жители раскажаа дека мештаните спонтано им помагале на повредените, носејќи вода и ќебиња и обидувајќи се да помогнат сè додека не пристигнале службите за итна помош.
Во меѓувреме, истражителите соопштија дека е утврден сериозен технички дефект кој најверојатно довел до исклизнување на возот од шините. Според првичните наоди, станува збор за оштетен и пукнат спој на пругата, познат како „рибја плоча“, што укажува на долготрајна истрошеност и проблем кој постоел подолг период.
Од шпанската државна железничка компанија „Ренфе“ информираа дека човечката грешка речиси целосно е исклучена како причина за несреќата. Иако спорната делница била реконструирана во мај минатата година, според достапните информации, и понатаму биле регистрирани технички проблеми.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува целосно расветлување на причините за една од најтешките железнички трагедии во поновата историја на регионот.

Македонски





