Skip to main content

Љутков на средба со Тамара Котевска и Јорданчо Петковски: Ваквите успеси ја потврдуваат Македонија како земја од која излегуваат автентични приказни со силен, човечки глас

Денес во кабинетот ми беше особено драго, во посета ми беа Тамара Котевска и Јорданчо Петковски, луѓе што стојат зад една исклучителна македонска приказна која допре до светот, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, ја освои Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors -една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм. Ова признание, доделено исклучиво врз основа на гласовите на публиката, е потврда за силната емоционална врска што филмот ја создаде со гледачите ширум светот.

„Приказната за Силјан“, откупена од National Geographic Documentary Films и прикажана на низа престижни фестивали, уште еднаш докажа дека локалното може да зборува универзален јазик.

Честитки до Тамара, Јорданчо и целиот тим, ваквите успеси ја потврдуваат Македонија како земја од која излегуваат автентични приказни со силен, човечки глас што достоинствено нè претставува на светската сцена.

Поврзани вести