
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, е во посета на Багдад по повод завршувањето на мандатот на политичката мисија на ОН во таа земја, воспоставена во 2003 година по инвазијата предводена од САД, со која беше соборена власта на Садам Хусеин.
Советот за безбедност на ОН, на барање на Ирак, минатата година одлучи мандатот на мисијата УНАМИ (UNAMI) да заврши до крајот на 2025 година.
Целта на мисијата беше да ги координира напорите за обнова на земјата и обезбедување хуманитарна помош, како и да помогне во повторното воспоставување на претставничка влада.
Преодниот премиер Мохамед Шиа ал Судани на заедничка прес-конференција со Гутереш изјави дека Ирак високо ја цени работата на мисијата во регионот кој претрпе децении диктатура, војни и тероризам. Тој заклучи дека Ирак излегол од сето тоа како победник и достигнал фаза во која може целосно да се потпре на сопствените сили.
Според Судани, завршувањето на мисијата не значи и крај на партнерството меѓу Ирак и ОН, туку означува почеток на ново поглавје на соработка фокусирана на развој и инклузивен економски раст.
Гутереш ја поздрави храброста и одлучноста на ирачкиот народ и напорите на земјата за повторно воспоставување безбедност и ред по години верски поделби и насилство од екстремистичките групи, вклучувајќи ја терористичката „Исламска држава“.
Според него, Ирак сега е „нормална земја“, а односите со ОН ќе станат нормални со завршувањето на мисијата УНАМИ. Гутереш неодамна препорача поранешниот ирачки претседател Бархам Салих да стане следен директор на Агенцијата на ОН за бегалци.

Македонски






