
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го прифати новиот американски предлог за завршување на руската агресија врз Украина. Тој потврди дека САД веќе разговарале и со рускиот претседател Владимир Путин, но и со украинските претставници, вклучително и со самиот Зеленски.
„Морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште го нема прочитано предлогот, иако му беше испратен пред неколку часа“, рече Трамп.
Според него, Москва формално би сакала да ја контролира цела Украина, но „Русија, верувам, е во ред со предлогот“. Тој додаде дека не е сигурен дали Киев ќе се согласи.
Во меѓувреме, на Флорида, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер од четвртокот одржуваат серија состаноци со украински претставници. Меѓу нив биле поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов. Пред тоа, делегацијата на Трамп имала петчасовна средба во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.
При крајот на разговорите на Флорида, Зеленски телефонски се приклучил на средбите, оценувајќи ги како „конструктивни“. Во своето редовно видео-обраќање, украинскиот претседател нагласи дека САД „ги знаат основните украински ставови“.
„Разговорот беше конструктивен, иако не и лесен“, додаде Зеленски.
Сè уште не е познато како се развивал американскиот мировен план од 28 точки во изминатите три недели, но неколку клучни прашања остануваат нерешени – статусот на окупираните територии и евентуалните американски безбедносни гаранции за Украина.
Москва, пак, тврди дека е подготвена за преговори и обвинува дека Украина и Западот го блокираат мирниот процес. Киев и неговите сојузници возвраќаат дека Русија ја користи дипломатијата за да ги зацементира територијалните придобивки од војната.

Македонски







