Skip to main content

Глобалните трошоци за храна продолжуваат да се намалуваат и во ноември

Фото: Freepik

Цените на храната на светските пазари продолжија да паѓаат и во ноември, трет месец по ред, при што најголем пад е забележан кај млекото, млечните производи и растителните масла, соопшти агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Според новите податоци на ФАО, во октомври цените се намалија за 1,6 проценти на месечно ниво, додека во ноември индексот на цените на кошничката основни прехранбени производи изнесувал 125,1 поени, што е за 1,2 проценти пониско од октомвриското ниво.

Индексот покажува дека глобалните цени на основните прехранбени производи се пониски за 2,1 процент споредено со истиот период лани, јавува Хина.

Најголемо намалување е забележано кај шеќерот – пад од 5,9 проценти во однос на октомври, како резултат на очекуваната силна понуда и високо производство во Бразил, Индија и Тајланд.

Цените на млекото и млечните производи се намалени за 3,1 процент, пред сè поради падот кај путерот и полномасното млеко во прав, поддржан од зголемено производство и изобилство на понуда во главните светски региони.

Растителните масла поевтинија за 2,6 проценти, при што особено се издвојува сончогледовото масло, чии цени паднале поради подобрената понуда од регионот на Црното Море.

Месото е поевтино за 0,8 проценти, што се должи на пониските цени на живинското месо поради изобилна понуда и засилена глобална конкуренција. Пад е забележан и кај свинското месо, како резултат на слаба побарувачка во Европската Унија и кинеските тарифи кои го ограничуваат увозот.

За разлика од другите категории, цените на житарките пораснаа за 1,3 проценти во споредба со октомври. Цената на пченицата скокна за 2,5 проценти поради стравувањата дека конфликтите во регионот на Црното Море би можеле да го нарушат снабдувањето и да ги намалат засадените површини во Русија.