
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, утрово добил смс-порака за сторен сообраќаен прекршок забележан од системот „Безбеден град“, додека со своето приватно возило се движел кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО–ДПМНЕ. Како што објави, системот регистрирал движење со брзина што ја надминала дозволената за само 1 километар на час.

Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без оглед кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани, порача Тошковски.
Министерот нагласи дека управувањето со возило е обврска, а не привилегија, и дека токму преку личен пример се гради доверба во институциите и безбедност на патиштата. Според него, „Безбеден град“ не е механизам за казнување, туку систем за воведување ред, дисциплина и спречување трагедии.
Со алармантниот број жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме лична одговорност. Државата ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите – вклучувајќи нè и нас, кои сме најодговорни за нивното спроведување, пишува министерот во објавата на Фејсбук.

Македонски







