Skip to main content

Oбид за атентат? Летаа дронови над авионот на Зеленски

Ирски воен брод забележал до пет дронови кои летале во близина на воздушната траса на авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во понеделникот пристигна во државна посета на Ирска, јавуваат денеска локалните медиуми.

Настанот предизвикал сериозна безбедносна тревога поради страв дека можел да претставува обид за нарушување на летот пишува Ајриш тајмс. Ненаведени извори велат дека авионот, кој пристигнал нешто порано од планираното, не бил во непосредна опасност.

Украинската делегација допатува во понеделник навечер, а замина следниот ден, во рамки на обиколка чија цел е обезбедување поширока европска поддршка за Киев, додека Русија ја продолжува офанзивата во Украина.

Летови со дронови со непознато потекло во последните месеци често го попречуваат воздушниот сообраќај во Европа. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги нарече овие инциденти форма на „хибридно војување“.

Порталот The Journal, кој прв објави за дроновите забележани во даблинскиот воздушен простор, наведува дека тие се приближиле токму до местото каде што авионот на Зеленски требало да се најде во очекуван момент на неговиот прелет.

Исто така, медиумите јавуваат дека се водат истраги за да се утврди дали дроновите полетале од копно или од недетектиран пловен објект. Прво биле забележани североисточно од Даблин, на околу 20 километри од аеродромот.

Ирските вооружени сили од безбедносни причини одбија да коментираат конкретни детали за наводните инциденти.

„Поддршката на вооружените сили во безбедносната операција предводена од полицијата беше успешно спроведена на повеќе начини, што овозможи безбеден и успешно реализиран престој на украинскиот претседател“, соопшти армиски портпарол.

Поврзани вести