
Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска ќе гостува во неколку градови во земјава и во странство.
На 4 -ти декември 2025, претставата ќе биде изведена во театарот во Струмица, на 6-ти декември во Велес, а на 13-ти театарот, „Војдан Чернодрински“ ќе гостува во Никшиќ, Црна Гора.
„Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување. Чистењето во претставата не е само физичка активност, тоа е метафора. Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито. „Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос.
Драматург на „Чиста куќа“ е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, дизајн на плакат и рекламен материјал е Филип Коруновски, музички соработник е Ана Митоска.
Играат: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Македонски







