
Поранешниот претседател на СДСМ Скопје и поранешен висок партиски функционер, Васко Кичевски, во објава на социјалните мрежи остро го критикуваше потегот на новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи го како „потег на коцкар“.
Кичеец наведува три клучни причини за таквата квалификација.
Прво, според него, Филипче по изборниот резултат и по, како што вели, „очигледната некадарност“, вината ја барал кај сите други, освен кај себе.
Второ, Кичевески оценува дека Филипче се однесувал како „коцкар што губи“, па посегнува и по последното што го поседува — својот партиски дом. Во таа насока, тој предвидува два можни правци:
– Или ќе се „испазари“ со различните струи во партијата, задржувајќи го речиси истиот Извршен одбор под истото влијание,
– Или ќе се обиде да формира сопствен ИО без влијание на тие струи, со ризик да не обезбеди кворум во Централниот одбор.
„Ќе видиме кој пат ќе го избере според составот на раководството“, додава Кичевски.
Трето, тој смета дека последните потези уште еднаш покажуваат дека СДСМ функционира како „султан-партија“ и дека промена на статутот е повеќе од неопходна.
Дел од раководството поднесе оставки
Коментарот на Кичевски доаѓа во момент кога во СДСМ се продлабочува внатрешната криза. Вчера, повеќе членови на раководството – дел од поранешните организатори, членови на ИО и локални функционери – поднесоа оставки, образложувајќи дека партијата има потреба од целосно ново раководење и „ресетирање“ на политиките.
Оставките се толкуваат како сигнал за зголемени тензии меѓу струите во партијата, што дополнително го засилува контекстот во кој Кичевски го критикува изборот и првите потези на Венко Филипче.

Македонски






