
– Растоварени по обезбедениот пласман во следната фаза, ракометарите на Вардар ќе го пречекаат Тулуз во 6. коло од Европската лига. Со победа „црвено-црните“ ќе го потврдат првото место во групата.
Во пресрет на натпреварoт очекувањата за дуелот со францускиот претставник ги искажаа тренерот Иван Чупиќ и ракометарот Марио Стојановски.
– Зад нас е добра недела со две важни победи. Сега ни доаѓа Тулуз, во натпревар без резултатско значење, но ние ќе одиме на победа. Сакаме да им покажеме на нашите навивачи дека Вардар се бори максимално на секој натпревар. Нашата цел е трофеите во домашното првенство и што подалеку да стигнеме во Европската лига. Затоа на секој меч влегуваме со многу енергија и во позитивна атмосфера, изјави Чупиќ на денешната прес-конференција.
Левото крило Стојановски е оптимист пред утрешниот натпревар.
– Добро го анализиравме противникот. Треба само тоа што го договараме да го спроведеме на терен. Одиме по нова победа, рече Стојановски.
Натпреварот Вардар – Тулуз ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје e со почеток во 18:45 часот.
Пред одигрување на средбите од последното коло, Вардар е лидер во Ф-групата со осум бода, Кристијаштад има седум, Сесвете пет, Тулуз е последен без освоен бод.

Македонски






