
Повеќе прехранбени продукти, како грчкото фета сирење, францускиот рокефор или италијанската пршута досега беа заштитени со нашата европска шема за географско потекло, но од сега ваква пракса ќе биде воведена и за занаетчиските и другите индустриски производи во ЕУ, соопшти портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет и истражување Тома Рение.
Помислете на италијанското стакло од Мурано, плочките од португалската Мадеира или германските ножеви од Золинген. Од денеска сите овие исконски европски креации можат да добијат и официјално признание за нивното потекло и квалитет – истакна Рение.
Досега статус на заштитно географско потекло имаа само прехранбените производи и пијалаците, а отсега и европските стаклари, грнчари, златари и други занаетчии и производители ќе можат да ги регистрираат своите брендови во новиот Регистар на ЕУ за географско потекло на занаетчиски и индустриски производи.
Според Рение, воведувањето на овој регистар ќе овозможи заштита на традиционалните занаети, ќе ги поддржи локалните работни места и ќе им помогне на потрошувачите да препознаат вистински висококвалитетни европски производи, а исто така ќе го заштити и европскиот културен идентитет.
Производителите можат да аплицираат за добивање на статус на занаетчиски или индустриски производ со заштитено географско потекло преку регистрирано струково здружение или поединечно. Секоја апликација мора да вклучува „спецификација на производот“ во која ќе бидат наведени името, процесот на производство и географската област во која тој се произведува и, по правило, таа треба да се достави до надлежниот национален орган во соодветната земја членки на ЕУ. Исклучок од ова правило е направен за Данска, Литванија, Луксембург, Малта, Финска, Холандија и Шведска, па производителите од овие држави ќе можат да аплицираат директно до Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО), која раководи со целата постапка.
Со претворање на наследството во можност, ќе зајакнат регионалните економии, ќе се зачува културниот идентитет и ќе бидат спречени фалсификатите, и онлајн и офлајн, посочи ЕК.

Македонски






