
Самостојната изложба „А капела“ на Стојан Павлески ќе биде отворена во Музејот на град Скопје во четврток 20:00 ч, 04.12.2025. Изложбата е реализирана со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Како што во предговорот за изложбата наведува професорот по Естетика и Филозофија – Вангел Ноневски: „Мултимедијалната изложба ’А капела‘ на Стојан Павлески во Музејот на Град Скопје може да се чита не како репрезентација на спортска симболика, туку како визуелно поставен контекст во кој се активираат прашањата за идентитет, симболичко посредување и современи форми на колективна автоинструментализација/стигматизација. Она што се нуди не е завршено дело со стабилна смисла, туку семиотички лабилен контекст кој се конституира во зависност од позицијата, перцепцијата и културната заднина на набљудувачот. Така, инсталациите и визуелните сегменти не ја реконструираат архаичната арена на победа и пораз, туку ја разобличуваат како простор на посредувано искуство, во кое победата веќе одамна е одвоена од субјектот што трча. Наместо спектакл, ни се нуди дистанца; наместо патос, ни се нуди можност за деконструирање; наместо готова порака – провокација за мислење.“

Македонски






