Skip to main content

Ова се најтешките моменти во нашата историја: Зеленски со драматично обраќање до нацијата

Претседателот на Украина Володимир Зеленски им се обрати на Украинците со видеопорака во која предупреди дека земјата е во еден од најкритичните моменти од почетокот на војната.

Тој зборуваше за исклучително силниот политички и дипломатски притисок од Соединетите Американски Држави и за тешките одлуки што Киев мора да ги донесе во наредните недели.

Сега доживуваме еден од најтешките моменти во нашата историја. Во моментов, Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор: или да го изгуби достоинството или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки или исклучително сурова зима, најсуровата, и дополнителни ризици што претстојат. Живот без слобода, достоинство и правда и принуда да му верува на некој што веќе нè нападна два пати. Тие ќе чекаат наш одговор – рече Зеленски.

Притисокот врз Украина во моментов е меѓу најтешките досега, рече тој.

Ќе има конструктивно барање решенија со Соединетите Американски Држави. Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам и ќе понудам алтернативи, но нема да му дадеме на непријателот никаква причина да каже дека Украина не е подготвена за мир – нагласи украинскиот претседател.

Ние, се разбира, сме направени од челик, но дури и најсилниот метал на крајот може да попушти, рече Зеленски.

Мора да се собереме, да се освестиме, да ги запреме меѓусебните конфликти и токсичните расправии. Државата мора да дејствува како единствен ентитет. Не смееме да изгубиме од вид кој е нашиот вистински непријател – рече тој.

Тој се осврна и на почетокот на инвазијата.

Тогаш не ја предадовме Украина и нема да ја предадеме сега. Знам дека народот е со мене. Следната недела ќе биде тешка. Ќе има многу притисок – политички и информативен, со цел да се разделиме и дестабилизираме – рече Зеленски во обраќањето до украинскиот народ.

Поврзани вести