Skip to main content

Судијката за Кочани одлучи предметот против сопственикот на агенцијата за обезбедување да се спои со главниот предмет

Судијката Дијана Груевска Илиевска, која го суди судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, донесе одлука предметот против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, да се спои со главниот предмет во овој судски процес.

Груевска Илиевска не сакаше да прогнозира колку ќе трае судењето, но порача дека за време на судскиот процес ќе владее голема дисциплина и оти сите неиздржани барања за одложување ќе бидат проверувани и санкционирани.

Судењето почна во преполната судница во КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, присутни се и родни на 63 жртви кои го загубија животот во несреќата што се случи на 16 март, претсваници на обвинителството, на одбраната, новинари.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи.

Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

Поврзани вести