
Буџетот за лицата со попреченост за оваа, но и за следната година ќе биде скратен за 196 милиони евра, а трошоците за живот на семејствата со лица со попреченост се повисоки за 60%, во однос на оние што ги имаат семејствата со членови со типичен развој. Ова го кажаа од Коалицијата Менуваме на денешната презентација на извештајот, пред Собранието.
Овој извештај Коалицијата Менуваме го изработи со цел да му помогнеме , посебно на Министерството за социјална политика, со кое како Коалиција сме сведоци дека е намален буџетот за многу големи средства од 196 милиони евра, од социјалните права, вели Суарет Алишан, координатор на Коалиција Менуваме.
Од Коалицијата ја направиле математиката според пресметките на минималната синдикална кошница за октомври од страна на ССМ, според која трошоците за четиричлено семејство изнесуваат 65.000 денари. Од Коалицијата бројот на членовите на едно семејство со лица со попреченост го зголемиле на 5 , со што се зголемува основната вредност за 25%.
Па, висината на минималната синдикална кошница на ССМ ја помножиле со 1,25 и ја добиле вредноста од 81.000 денари. Ако на таа сума се додадат уште 23.000 денари, како што стои во извештајот, за дополнителни трошоци за медицински помагала, транспорт, за лице за нега и за комунални услуги, сумата се зголемува до 104.000 денари.
Ако заокружиме на 100.000 денари и помножиме по 12, излегува дека на годишно ниво едно петчлено семејство со лица со попреченост има трошоци од 1.200.000 денари или околу 19.500 евра.
Извештајот сѐ што до сега беше скриено под тепихот го детектира , го илустрира и укажува дека тоа не е добро. А, ние како организација ги имаме решенијата и можеме да го решиме проблемот, доколку државата биде кохезивна да соработува, вели Алишан.
Од Министерството за социјална политика велат дека го уважуваат напорот на Коалицијата Менуваме да укаже на предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост. Но, нивната пресметка не претставува официјален државен индикатор. Конечните решенија зависат од буџетската рамка и меѓуресорските анализи. Во пракса, износот на паричните права не се врзува директно за синдикалната кошничка, туку за законските решенија, фискалната рамка, социјалната политика, официјалните статистички податоци и анализи, како и процените за степенот на потребната поддршка, додаваат од ресорното министерство.

Македонски








