Skip to main content

Мицкоски: Македонија не е на прагот на Европа – Македонија е Европа по дух, вредности и достоинство

„Има неколку работи што се случија на овие избори, а се исклучително важни и би рекол историски за Македонија. Во периодот што следи ќе станеме уште посвестни за нивното значење. Но тоа не е случајност, туку дел од стратегија и сериозен план,“ рече вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Скопје во рамките на кампањата за локалните избори.

Тој нагласи дека Македонија веќе припаѓа на европското семејство по својата суштина и вредности.


„Многумина се прашуваат каде е нашето место во Европа. Ќе ви кажам едно: Македонија не е на прагот на Европа, Македонија е Европа – по дух, по вредности, по историја и по достоинство,“ истакна Мицкоски, добивајќи силен аплауз од присутните.

Во говорот тој беше дециден дека државноста и македонскиот идентитет нема да бидат предмет на условувања.

„Нема да дозволиме никој да ја гази нашата државност и да го условува македонскиот идентитет. Со соседите сакаме дијалог, но не и диктат. Ќе соработуваме со секого, вклучувајќи го и источниот сосед, но само на основа на почит, рамноправност и европски вредности,“ порача премиерот.

Мицкоски додаде дека македонскиот пат кон Европската унија ќе биде достоинствен, а не понижувачки.


„Кога ќе седнеме на маса во Брисел, нема да клекнеме и коленичиме, туку ќе застанеме исправени – со факти, со аргументи и со почит. Македонија ќе биде дел од ЕУ, но со исправен грб и со јасен знак што значи македонски идентитет и посебност,“ рече тој.

Во продолжение, премиерот повика на национално единство:

„Потребна ни е обединетост – по партиски, по етнички и по сите други линии. Да нема поделби, туку заедничка стратегија.“

Осврнувајќи се на политичките противници, тој порача дека нема да прифати улога на политичар кој молчи или калкулира:

„СДСМ не стави во каша и сега, наместо да молчат, сакаат повторно да ја промешаат. Јас тоа не го прифаќам. Со мене секогаш ќе знаете на што сте. Се обврзувам, заедно со народот, да ги штитам националните интереси,“ истакна Мицкоски.

Во заклучок, тој нагласи дека политиката за него не е лична амбиција, туку одговорност:

„Политиката не е нешто за кое треба по секоја цена да се држиш. Таа е должност, обврска, достоинство, образ и љубов кон државата и народот.“

Поврзани вести