Skip to main content

Министерството: Пластичниот отпад во Вардар е резултат на слаби комунални услуги и диви депонии

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека големите количини пластичен и друг амбалажен отпад во реката Вардар и другите водотеци се последица на недоволното ниво на комунални услуги, особено во руралните средини. Реакцијата следи по објавените видеа на кои се гледаат илјадници пластични шишиња што пловат по реката.

Од Министерството посочуваат дека во овие подрачја е забележано значително присуство на диви депонии на јавни површини, чие отстранување и контрола се во надлежност на општините и нивните инспекциски служби.

Како што информираат, Министерството и Државниот инспекторат за животна средина континуирано укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од редовно следење на состојбите со управувањето со отпадот и зголемено присуство на општинските инспектори на терен.

Во моментов, Државниот инспекторат подготвува измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување единствен систем кој ќе овозможи поефикасна контрола и подобра координација во оваа област.

Министерството апелира до општините, комуналните претпријатија и граѓаните за заедничка одговорност и активно делување во зачувувањето на чистотата на реките и водните текови.

Поврзани вести