На 26 декември, сопочеток во 20 часот, во Даут Пашин амам, при Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена изложба на Ристо Лозаноски, по повод стогодишнина од раѓањето на уметникот.
„Често недоречен во своите настојувања и оправдан во стремежите низ овие слики…Тоа што постои е вообличено низ индивидуалниот пристап на уметникот кон ова поднебје…Распнатоста помеѓу она што постоело, она што се создава и треба да дојде е евидентно присутна… ”
Бранко Илиоски за Ристо Лозаноски
Како дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања. Во селекцијата на претставувањата се истакнуваат авторите застапени во Постојаната поставка на Националната галерија, како уште едно настојување за зачувување од заборав и ревалоризација на творештвото на авторите што во одреден културно-историски контекст одиграле важна улога во дефинирањето на она што денес го нарекуваме македонска историја на уметноста.
Еден од овие автори е и Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965), кој во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот Даут-пашин амам, е претставен со две свои дела (Прастари облици, 1961, масло на платно, 88 х 135 см и Бела стихија, 1962, масло на платно, 80 х 135 см), во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 60-тите години од XX век, односно историскиот приказ на времето кое се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што од своја страна доволно говори и за местото и значењето на овој уметник.
Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. Во прилог на местото и улогата на овој автор, за почеток ќе наведеме неколку поважни изложби на кои е застапен, почнувајќи од настапите на уметничките групи „Денес“ (1954, Скопје) и „Мугри“ (1960 и 1961, Скопје; 1961, Белград) во 50-тите и кон преминот во 60-тите години на ХХ век, сè до групните изложби со антологиски предзнак (Аспекти на цртежот во Македонија, Музеј на современата уметност – Скопје, 1967; 40 години македонско ликовно творештво, Музеј на современата уметност – Скопје, 1984, Еротизмот во современата македонска ликовна уметност, Центар за култура и информации, Скопје, 1986; Антологија на македонската ликовна уметност 1894 – 1994, Музеј на современата уметност – Скопје, 1994 – 1995; Портретот – тематски предизвик, Уметничка галерија – Скопје, 1996; Енформел: 1959 – 1966, Музеј на современата уметност – Скопје, 2009; Линеарен цртеж и Конекции во колекциите, Музеј на современата уметност – Скопје, 2018; Париски рефлексии 2, Национална галерија, 2023 и др.).
За значењето на Ристо Лозаноски за македонската ликовна уметност постојат мноштво осврти на критичарите што го вреднувале неговото творештво: Антоние Николовски (во повеќе наврати се произнесува за самостојните изложби и е автор на Комеморативната ретроспективна изложба, Уметничка галерија – Скопје, 1969), Борис Петковски, Соња Абаџиева, Ладислав Баришиќ, Владимир Величковски, Марика Бочварова-Плавевска (авторка на Ристо Лозаноски – монографско-ретроспективна изложба, Музеј на современата уметност – Скопје, 1986 и Слики од болница, Музеј на современата уметност – Скопје, 1995), Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски итн.