
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска и утре ќе учествува на министерскиот состанок за истражувања и иновации на земјите од Западен Балкан, што се одржува во Подгорица, Црна Гора.
На дводневниот настан, како што соопшти МОН, предвидени се повеќе панел дискусии посветени на развојот и поврзувањето на истражувачката инфраструктура во регионот, како и на анализата на ефективноста на Планот за раст и националните стратегии за паметна специјализација. Посебен фокус ќе биде ставен и на примената на вештачката интелигенција во науката и истражувањето.
Министерката Јаневска, покрај учеството на панелите, ќе оствари и билатерални средби со високи претставници од Европската унија, меѓу кои еврокомесарката за истражување и иновации Екатерина Захариева, директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија Сабине Хенцлер, претседателката на Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) Асе Горницка, како и со црногорската министерка за образование, истражување и иновации Ангела Јакшиќ Стојановиќ.
Состанокот има за цел да поттикне регионална соработка и да ги зајакне капацитетите на земјите од Западен Балкан во областа на науката, технологијата и иновациите.