
Вкупно 2.019 болни и изнемоштени лица денес гласаат за избор на градоначалници и членови на советите на локалните избори во десетте општини во Југоисточниот плански регион-Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Гласањето се одвива без проблеми и според општинските изборни комисии се очекува да заврши во попладневните часови.
Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица-514, а заедно со нив гласат и затвореници од Затворот во Струмица, Заводот за заштита и рехабилитација во Банско и Дом за стари лица во Струмица. Утрово од 8 часот почна подигањето на избирачкиот материјал и процесот тече без проблеми.
Претседателите на изборните комисии од другите општини, исто така, информираат дека гласањето се одвива нормално и без пробеми.
Во Општина Ново Село се пријавени 400 болни и изнемоштени лица, Босилово-232, Гевгелија-213, Валандово-83, Василево-162, Радовиш-155, Конче-74, Дојран-57, Богданци-129 избирачи.
Во избирачкиот список во десетте општини вкупно се запишани вкупно 147044 граѓани со право на глас, кои ќе гласаат на 273 избирачки места.