Skip to main content

Мицкоски: Оваа земја избира сигурен пат, избира работа, избира стабилност, избира — надеж

Овде, каде што почнуваат и верата и словото, каде што бисерите сјаат најсилно, каде Св. Климент и Наум ја раскажуваат нашата приказна, каде Прличев се чита најчесто, каде уште се поклонуваме на саможртвите на Узунов и Патчев, вечерва завршува нашата кампања. Но започнува нешто многу поважно: времето кога Македонија го прави вистинскиот избор! – вака премиерот Христијан Мицкоски ввечерва го започна својот говор на завршниот митинг во Охрид, пред неделните локални избори.

Тој додаде:


Поминавме речиси три недели. И морам да кажам, нема ништо посвето од тоа да си со својот народ. Никогаш не ме правеле задоволен канцелариите, големите сали за состаноци, ручеците и вечерите на приемите. Мене најсреќен ме прави ракувањето со народот, тие средби, искрени воздишки и разговори со народот кој никогаш не греши. И, народе на Македонија, ви благодарам. Ви благодарам за огромната поддршка изразена по улиците, маалата, плоштадите.Нема да ги заборавам митинзите на полните плоштади, ракувањата со секој еден човек кој носи во себе порака дека нема повлекување. Нема предавање. Ви благодарам на таа енергија која ја добив од младите, на илјадниците кои ни се приклучија во текот на оваа кампања. На таа неверојатна животна лекција која и мене ми дава енергија и надеж дека сигурно мораме да успееме.


Мицкоски нагласи дека доаѓа времето кога државата врти нов лист, нова страница.

-Испишуваме заедно нова историја на оваа генерација решена да победи. И кога велиме „вистинскиот избор“, не велиме лозинка — туку вистината на секој граѓанин што не се предаде. На секој човек што работи, создава, помага и верува дека оваа земја може и мора подобро. Од Охрид до Штип и Делчево, од Битола до Скопје, се слуша истиот глас — гласот на народот што сака ред, сигурност и иднина. Сака правда. Сака чесност. Гласот на луѓето што не чекаат некој да им ја донесе среќата, туку сами ја создаваат. И токму затоа, вечерва, од овде— праќам порака што никој повеќе нема да може да ја замолчи: дека оваа земја избира сигурен пат, избира работа, избира стабилност, избира — надеж.


Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вистинскиот избор е одлука со која се прави иднина, а одлуката ја носи човекот што работи, земјоделецот што секое утро го почнува со надеж, работникот што не се откажува, учителот што воспитува, лекарот што спасува, младите што сакаат иднина овде, дома. Тоа се луѓето што ја градат оваа држава. Тоа е Македонија што не се гледа на билборди, туку се чувствува во секое маало, во секој град, во секое рамо што подава поддршка и во секоја рака што создава.

И затоа ова не е крај на кампања. Ова е потврда на нашата определба — да ја чуваме оваа земја, да ја исправиме, да ѝ вратиме достоинството што премногу долго ѝ го одземаа. Затоа што Македонија не може повеќе да си дозволи празни зборови. И токму затоа, од овде, од Охрид, од градот каде што се сретнуваат културата и духовноста, ја испраќаме пораката која ќе одекне низ целата татковина: дека овој пат изборот не е тежок, затоа што вистината е јасна, затоа што разликата се гледа и се чувствува.
Изборот е помеѓу искрен труд и празна приказна, помеѓу сигурен пат и непознат хаос, помеѓу држава што гради и политика што руши. И затоа, вечерва, јасно и гласно велиме — Македонија го прави вистинскиот избор!
Ова не е победа на еден човек,
ниту на една партија. Ова е победа на сите што веруваат во работа, во вредности, во чесност и во држава што стои на свои нозе. И кога утре ќе изгрева сонцето над езерото, ќе изгрева над држава што не се плаши, над народ што знае што сака, над земја што повторно верува во себе.
Затоа, Охриде, да ја испратиме пораката што ќе се слушне до последното село, до секој град, до секое срце: ПОБЕДА! ПОБЕДА!!! За единствената причина поради која се бориме и за која се надеваме – МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА! – нагласи Мицкоски.


Поврзани вести