
Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски се фали по медиуми дека двојно ќе го зголеми буџетот за култура што Општината ќе го доделува идната година, ама за негова жал и за среќа на граѓаните, тоа нема да го прави, зашто досега тоа го правеше непотистички и протекционистички – реагира Движењето ЗНАM на соопштение на Герасимовски.
ЗНАМ прави рекапитулација и анализа на работењето на Општина Центар во културата:
За 2025 година Општина Центар одвоила 3,6 милиони денари. Конкурсот е распишан на 3 март, на сите заинтересирани дадена им е шанса да се пријават во рок од 5 дена од денот на објавувањето на конкурсот на веб страната на Општината. Не знаеме дали е објавена во Службен весник, ниту во дневните весници – за да се запознае пошироко јавноста, особено оние што имале намера да аплицираат.
Добитниците се објавени на 24 април – до нас стигнаа поплаки за непотистичко – фамилијарни доделувања на средства или, пак финансирање на проекти за кои и по повеќекратно пребарување на Интернет, не можеме да дознаеме ништо повеќе, освен дека се добитници на средства од програмата за Култура на Центар за оваа година.
Прашуваме – дали е точно дека финансирате проекти на апликанти кои се во блиски роднини врски – да речеме брат и сестра, дали доделувате средства поголеми од девет илјади евра за еден проект и колку од проектите што добиле пари од Центар се реализирани?
Ако за 2026 Герасимовски предвидува двојно повеќе – тогаш тоа се 7,2 милиони денари што сигурно има намера да ги доделува на ваков сличен протекционистички начин. За негова жал, а за среќа на граѓаните на Центар нема да може да го прави тоа. В недела – на 19 октомври центарци ќе изберат промени.
Со културата не смее да се прави пазар, уметниците и уметноста се важен дел од тоа што е Центар. Уметноста заслужува достоинство не пазарење. Уметниците треба да се слободни и поддржани да творат, а не да се со години разочарани“ – се вели во соопштението на ЗНАМ.