Skip to main content

Прилеп добива нов музички фестивал! 

ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп го најави првиот фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“, посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција. Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Во два последователни концерти ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време – преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации.

На 16 октомври | 20:00 часот во кино Мис Стон  ќе се одржи концертот  „Помеѓу Кукузел и Палестрина“. Два хора – „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ – под диригентство на Гоце Секулоски, ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ги византиската духовност и ренесансната полифонија.

Црковен клирос Пелагонитиса
Црковен хор Света Петка 


Прв дел – источно-црковно пеење
 


1.Свише пророци – Свети Јован Кукузел (XIV век)
- прва изведба во Македонија
2. Нине сили – Јован Клада (XV)
3. Хвалите Господа (фрагмент) – Свети Јован Кукузел (XIV век)


Втор дел – сакрална полифонија



4. Kyrie eleison – G.P. Palestrina (XVl век)
5. Ave verum Corpus – W. Byrd (XVl век)


На 17 октомври | 20:00 ч. во киното Мис Стон ќе се одржи концертот „Средновековни еха“- редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, со која ќе настапи Cristina Alís Raurich (Шпанија), музичар и истражувач, која прва во светот направи реконструкција на портативна оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска (Македонија) – глас, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.

Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувач и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Чинаља. Како солистка и член на ансамбли како Magister Petrus, Vetera, La Douce Semblance, Sonus Hyspaniae и Donnafugata, настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог: професор е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, и асистент-директор на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век. 

Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музика на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на бројни фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.

Фестивалот „Dulcia Sonant“ отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија – патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса.

Влезот е слободен.
 

Поврзани вести